По катастрофалниот пожар што одзеде десетици животи во барот Le Constellation во Кран-Монтана, сопственикот Жак Морети за првпат јавно се огласи. Во кратка изјава за швајцарскиот весник 24 heures, тој изјави дека објектот работел согласно сите законски прописи и дека во изминатите десет години бил предмет на повеќекратни инспекции.
Морети, кој заедно со сопругата управува со уште неколку угостителски објекти во скијачкиот центар, одбил подолго интервју, наведувајќи дека е во лоша психофизичка состојба по трагедијата. Сепак, пред да го заврши разговорот, тој нагласил дека барот бил проверен три пати во последната деценија и дека никогаш не биле утврдени неправилности.
Овие тврдења се во спротивност со изјавата на Стефан Ганцер, министер за безбедност на кантонот Вале. На прес-конференција, Ганцер посочи дека општината има обврска да ја проверува зградата секоја година, а доколку се утврдат недостатоци, задолжително се составува извештај до надлежните институции. Тој додаде дека, според информациите со кои располага, не постои евидентиран извештај за дефекти за спорниот објект, но не можел да го прецизира датумот на последната инспекција.
Општинските власти не одговориле на новинарските прашања во врска со извршените контроли, образложувајќи дека административните служби биле затворени за време на празниците. Градоначалникот, пак, ги упатил медиумите да се обратат до полицијата.
Жак Морети и неговата сопруга Џесика Морети биле сослушани во рамки на истрагата, но засега не се водат како осомничени. Истрагата за нивната евентуална одговорност продолжува.
Според информации на француските медиуми, меѓу кои и BFM TV, Жак Морети во моментот на пожарот не бил присутен во барот, туку се наоѓал во еден од другите објекти во негова сопственост. Неговата сопруга Џесика била во „Le Constellation“ и, според извор близок до истрагата, се здобила со изгореници на раката.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












