Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека денеска до Уставниот Суд поднесоле претставки за проценка на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи (односно Член 3) и Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (Член 5) двата објавени во „Службен весник “ на 03.06.2021 година.
„Со овие претставки се бара Уставниот Суд да поведе постапка за оценување на уставноста на овие два члена. Дополнително во двете претставки се бара Уставниот суд да донесе РЕШЕНИЕ ЗА ВРЕМЕНА МЕРКА. Односно согласно Деловникот на Уставниот суд, Уставниот Суд да го запре извршувањето на оспорените членови на Законите, се’ до одлучувањето дали се тие уставни или не.
Двата члена, односно во двата закони се наведува дека патните исправи, односно возачките дозволи и возачките книшки, „кои го содржат натписот Република Македонија издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 12 февруари 2024 година“. Овие членови во двата закони се директно спротивни на Уставот, и тоа во членовите 8, 9, 11, 25 и членот 27 од Уставот.
Почитувани, со прифаќање на предлогот за времена мерка до носење на конечна одлука, би престанало да важи 12ти февруари како краен рок за важење на пасошите и возачките дозволи, наведено токму во оспорените членови.