Изненадувачки за многумина, бранот на вештачката интелигенција (ВИ) е тука. Изненадувањето не е пријатно, а бранот е голем, силен и брз. Засегнатоста на огромен број индустрии и на поединците наскоро ќе биде жестока. Ќе сведочиме за поместувања поголеми од оние при индустриската револуција. Пред наши очи веќе се менуваат и гасат работни места, се менуваат морални и етички стандарди, светот е во трка за правно регулирање на „ВИ“.
На удар се и самите творци и производителите на „ВИ“, самата ИКТ индустрија. Набргу ќе се редуцираат и исчезнат ИКТ работни места за кои до скоро постоеше глад на пазарот на трудот, а работодавачите не штедеа на плата и привилегии. Логично, ќе се ограничи начинот на користењето на „ВИ“ и нејзиното производство. Образованието во делот на проверката на знаењата и оценувањата ќе треба да се врати еден чекор назад, за да може да погледне појасно напред.
Трката во носењето регулатива веќе започна во највлијателните светски јурисдикции. Започната е трка со времето. Државите се тркаат со производителите на „ВИ“, производителите се тркаат меѓусебе, а всушност сите заедно треба да ја наттрчаме „ВИ“ и да поставиме правила на игра.
Кога нема важечки и прецизни прописи, се посегнува по брзи решенија, по принципот дека подобра е некаква отколку никаква регулатива. За почеток регулативата ќе биде рестриктивна и ќе се темели на забрани. Затоа клучно е да го следиме правниот вртлог околу “ВИ”.
Poради сето ова, на 09.06.2023 година во Нетавил Амфитеатарот ќе се одржи првата македонска работилница посветена на „ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА И ПРАВОТО – ПРЕДИЗВИЦИ, ОПАСНОСТИ И ПЕРСПЕКТИВИ“, во коорганизација на Адвокатската Канцеларија Најденовски и ИКТ Комората МАСИТ. На настанот од научен и практичен аспект појаснување и дефинирање на „ВИ“ ќе даде Мартин Василковски – одговорен за истражување и развој во ДАТА МАСТЕРС Скопје. За предизвиците поврзани со новите технологии и реформирање на регулаторната рамка со цел безбедност на личните податоци и заштита на човековите права, истовремено олеснувајќи ги деловните потреби од дигитализацијата и иновациите ќе зборува Драгана Кипријановска, советник за правни работи и усогласеност од МАК СИСТЕМС Скопје. Адвокат Јован Најденовски ќе се осврне на потребата од итна регулатива на “ВИ” и светските трендови и истовремено ќе го модерира настанот. Пораката на науката и на практиката е: Да го јавнеме бранот, во спротивно многумина ќе се наголтаат вода или дури и полошо…