Џафери, по примањето на мандатот од претседателот на државата Стево Пендаровски, во своето кусо обраќање рече оти се надева дека преговорите за техничката влада ќе кулминираат со соодветен состав, со соодветни обврски, надлежности и одговорности, пред сè кон граѓаните на Република Северна Македонија
По денешната пленарна седница на Собранието, на која беа констатирани оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, попладнево, точно во 15 часот, претседателот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Џафери за состав на преодната влада.
„Врз основа на член 84 алинеја прва од Уставот на Република Северна Македонија, а во согласност со членот 43 од Законот за Владата на Република Северна Македонија и предлогот на најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство за мандатар за состав на преодната влада за спроведувањето на избори за пратеници, го определувам г. Талат Џафери“,
рече Пендаровски при доделувањето на мандатот.
По примањето на мандатот, Џафери во своето кусо обраќање рече оти се надева дека преговорите за техничката влада ќе кулминираат со соодветен состав.
„Почитуван претседател, почитувани граѓани, со задоволство и со потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот составот на Владата и преговорите за составот на оваа влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата, со надеж дека ќе кулминира со соодветен состав, со соодветни обврски и надлежности и одговорности, пред сè кон граѓаните на Република Северна Македонија“,
рече Џафери.
Инаку, на денешната собраниска седница, откако беа констатирани оставките на Ковачевски и Џафери, беше избран нов претседател на законодавниот дом. За оваа функција, на предлог на 65 пратеници од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, беше номиниран пратеникот Јован Митрески од парламентарното мнозинство, како што претходно беше договорено, а неговиот избор го поддржаа 64 од вкупно 104 пратеници кои гласаа. Против предлогот гласаа 40 пратеници, а воздржани немаше.
Против изборот на Митрески гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција. Ваквата нивна одлука ја образложи координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, кој рече дека Митрески бил дел од парламентарното мнозинство во чиј мандат Собранието од законодавен дом било претворено во меѓупартиски и меѓукоалициски дом.