Алијанса на Албанците се подели заради изборите. Партискиот лидер Таравари сака заеднички настап со Европскиот сојуз за промена, а пак пораншниот Села да одат сами. На ред е сега собранието на партијата да одлучи дали ќе даде поддршка на сегашниот претседател и неговата идеја за иднината на партијата или пак ќе останат на одлуката која ја имаат изгласано односно за самостоен настап на изборите.
Дали ваквата одлука на Таравари ќе влијае на моменталниот распоред на силите во техничката влада? Лидерот на СДСМ и поранешен претседател на Владата, Ковачевски вели дека за случувањата во Алијанса одговорите треба да ги дадат нивните партиски органи.
Сметам дека местото на политичките партии прво е во коалиции кои делат исти вредности. Се уште важи понудата од СДСМ сите оние политички партии, невладини организации и други организации и поединци кои ја делат визијата за Европска Македонија да ни се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска во одговор на новинарско прашање.
Инаку по долги натегања, тајни и јавни состаноци, еден куп калкулации, тактизирања Таравари конечно пресече, и на социјалните мрежи кажа дека Алијанса треба да оди со Меџити, Гаши и Касами.
„Граѓанинот бара Промена! Народот бара политички систем ослободен од корупциската епидемија, која стана најголема пречка за благосостојбата и развојот на Албанците во Македонија. Како претседател на Алијанса за Албанците, јавно го повикувам партиското Собрание да ме поддржи на ова патување и заедно да го поздравиме овој процес кој го нарекувам голема и долго чекана промена“, повика Таравари.
На ова веднаш жестоко возврати Села.
Поединецот, во овој случај претседателот на партијата не е орган на одлучување, тој има право да предлага до органот кој има право да одлучува, а тоа е Претседателството на партијата кое во моментот има една одлука, а тоа е дека Алијансата за Албанците се натпреварува сама на изборите. Друго тело за одлучување е партиското собрание, напиша Села.
На социјалните мрежи веднаш започнаа преписките меѓу функционерите во паријата за која на чија страна е. Поддршка на Таравари му дадоа актуелниот министер за здравство Меџити, министерот за информатичко општество Алиу, поранешниот пратеник Гариб Каба. Додека пак минситерот за правда Лога, пратеничката Илире Даути, како и партискиот потпретседател Елми Азири, се на став како и Села, односно дека партијата треба самостојно да оди на изборите.