Полициската акција во скопско Грчец била една од првите теми на коишто разговарале досегашниот и новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и Панче Тошковски.
Тошковски денеска ја презеде функцијата во МВР и во интервју за „360 степени“ на МРТ1 кажа дека примопредавањето поминало во протоколарна и културна атмосфера, но дека се поразговарало и за некои суштествени работи, како апсењата во Грчец.
„Ја поздравив акцијата која е спроведена од страна на МВР. Акција со таков фокус би требало да е приоритет на Министерството за внатрешни работи, само се надевам дека во иднина, од 16 осомничени ќе бидат уапсени сите 16, а не само 7 или 6. И тоа ќе бидат уапсени од првиот па надолу, а не од последниот нагоре, односно оние кои се носители на тие криминални активности, а не оние споредните“,
рече Тошковски.
Новиот министер вели дека МВР ќе постапува во сите случаи поврзани со безбедноста на државата, организираниот криминал и високата корупција.
Во контекст на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека граѓаните не треба да очекуваат холивудски спектакли и сценарија со упаѓање во домовите на специјални единици, Тошковски вели дека народот треба да види нормалност.