Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД разгледуваат можност за постепено намалување на воените операции на Блискиот Исток, оценувајќи дека клучните цели се блиску до исполнување.
Во објава на платформата Truth Social, Трамп посочи дека американските активности биле насочени кон слабеење на ракетните капацитети на Иран, уништување на неговата одбранбена индустрија, како и ограничување на поморските и воздухопловните сили, со цел да се спречи развој на нуклеарни способности.
Тој истакна дека САД истовремено работат на заштита на своите сојузници во регионот, меѓу кои ги наведе Израел, Саудиска Арабија, Катар, Обединети Арапски Емирати, Бахреин и Кувајт.
Во однос на Ормускиот теснец, Трамп нагласи дека неговата безбедност треба да биде одговорност на земјите што директно го користат, додавајќи дека САД би помогнале само доколку тоа биде побарано.
Претходно, тој предупреди дека НАТО може да се соочи со сериозни предизвици доколку сојузниците не преземат поголема улога во обезбедувањето на трговските рути во регионот. Сепак, европските земји засега ја отфрлаат можноста за вклучување во таква операција.
Трамп исто така изјави дека верува оти Израел би можел да ја заврши војната откако САД ќе ги завршат своите борбени активности во регионот.












