Ракометарките на Вардар дојдоа до нова сигурна победа во женската Супер лига, совладувајќи го Спартак на гостински терен со убедливи 30:20 во рамки на 10. коло.
Мечот започна израмнето, но по петтата минута вардарки го презедоа водството и поведоа со 4:2. Спартак накратко се доближи на 5:4, но не успеа да израмни, додека гостинките постепено го зголемуваа темпото. Во 17-та минута резултатот беше 10:6 за Вардар, а шест минути подоцна предноста стигна до 14:9. На пауза црвено-црните заминаа со сигурни 17:11.
Во вториот дел Вардар целосно ја контролираше играта. Во 37-та минута разликата порасна на 20:13, а Спартак немаше сили за резултатски камбек. До 49-тата минута гостинките дојдоа до 27:17, а натпреварот заврши со конечни 30:20.
Кај Спартак најпрецизна беше Андоновска со девет гола, додека ист ефект за Вардар имаше Миленковска.
Ова е петта победа за Вардар, кој со 10 бодови се наоѓа на четвртата позиција на табелата, зад водечките три екипи што се борат за титулата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:







