Гласачите во четири скопски општини во недела не дадоа мандат на ниту еден од кандидатите. Таму на 2 ноември ќе има втор круг. Скопјани се прашуваат – каде може уште сега да се предвиди резултатот, а каде ќе биде незивесно до самиот крај на изборите?
Во Аеродром очигледно е дека разликата во гласови што ја освоија двајцата кандидати Митески од ВМРО-ДПМНЕ и Трајановски од СДСМ е превисока и таму, според многумина, победникот е извесен.
Во Центар, Карпош и Шуто Оризари, пак е друга ситуацијата. Таму се очекува борбата да биде буквално за секој глас.
Центарци во првиот круг му дадоа поголема доверба на актуелниот градоначалник од СДСМ Герасимовски во однос на кандидатот на ЗНАМ Лабудовиќ, но крајниот резултат ќе зависи од тоа како ќе реагираат гласачите кои во првиот круг довербата ја дадоа на независните кандидати. И дали ќе ги фати еуфорирајата дека ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во цела Македонија.
Во Карпош по првиот круг кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Лукровски го порази актуелниот градоначалник Јакимовски од ГРОМ. Предноста за вториот круг на Јакимовски е што ќе може да смета на гласовите од СДСМ. Но тоа истовремено може да биде и негова лажна надеж, затоа што прашање е колку овие гласачи ќе имаат поттик да излезат на гласање оти СДСМ нема кандидат за градоначалник на Скопје во вториот круг.
Во Шуто Оризари, актуелниот градоначалник Дудуш оствари солидна предност, но предноста на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Демир е што во вториот круг ќе може да смета и на гласовите од Шабан Салиу кој е коалиционен партнер на неговата партија во централната власт. Како и на тргнатиот бран ВМРО-ДПМНЕ да ги освојува општините.