Владата соопшти дека ќе се спроведат вонредни контроли во сите легални фабрики за производство на медицински канабис. Целта е, како што истакнуваат од Владата, „да се спречи индустриско нелегално производство и пласман кон домашниот и меѓународниот нелегален пазар“.
На денешната владина седница беше одлучено институциите да преземат сите законски утврдени мерки и активности и да извршат вонредни контроли на сите правни лица со одобрение за одгледување и производство на медицински канабис. До Владата треба да пристигне извештај за извршените контроли во рок од 45 дена.
Исто така, Владата најави именување членови на Меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Комисијата е формирана во 2017 година и е составена од претставници од 13 министерства и Царинската управа, а претседава претставник од Министерството за здравство. Од Владата велат дека комисијата досега не била активна, но во иднина ќе се бара редовно известување за нејзината работа.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) и МВР веќе десет дена истражуваат дали петте тона марихуана запленети во Србија се поврзани со марихуаната од легалните производители во државата.
„Во рамките на опсежната акција спроведена во последниот период, досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица. Обвинителството континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на медицински канабис“, соопштија од ЈОГОКК.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












