Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во декември минатата година го повлекло обвинението против бизнисменот Цветан Панделески во рамки на предметот „Империја“. По оваа одлука, Панделески во писмо до јавноста наведе дека постапката му предизвикала правни, економски и репутациски последици и најави дека ќе преземе дополнителни чекори за, како што вели, да се исправи нанесената штета и да се обезбеди неговиот понатамошен деловен ангажман.
Обвинението го повлекол обвинителот Фатон Азизи, кој во текот на доказната постапка оценил дека нема докази оти Панделески сторил перење пари или измама на 150 акционери на „Бетон Штип“, меѓу кои била и Кираца Трајковска, еден од поголемите акционери во компанијата.
Во првичните наводи на обвинението се тврдеше дека средствата стекнати со измама биле префрлани преку заеми со цел да се прикрие нивното потекло. Еден сведок на правдата, сопственик и управител на фирма што остварила корист, наводно ги пренел парите на три компании и едно физичко лице, а својот удел во фирмата го префрлил на тие компании. Потоа средствата биле исплатени како дивиденда, додека фирмата на крај била префрлена на офшор-компанија од Белизе и ликвидирана.
Предметот „Империја“ беше еден од најобемните случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство, во кој покрај Панделески беа опфатени и штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски и брокерот Јованче Тасковски. Митровски призна вина и доби условна казна.
Обвинителот Азизи, кој го презел предметот во текот на судската постапка, заклучил дека не може да се одржи ниту едно од кривичните дела што му се ставаа на товар на Панделески. Во својата реакција, бизнисменот посочи дека со ваквата одлука се потврдуваат неговите долгогодишни тврдења дека против него не постоеле релевантни докази за сторено кривично дело.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












