Нова детска градинка беше отворена денеска во општина Сопиште. Детската градинка „Сонце“ ќе овозможи згрижување и воспитно-образовен процес за 84 деца од предучилишна возраст и ќе им биде достапна и на жителите од Долно Соње, Горно Соње, Добри Дол и Ракотинци.
Во објектот се предвидени јасли за деца од 0 до 2 години, две хетерогени групи за деца од 2 до 4 години, како и група за деца од 4 до 6 години. Градинката располага со вкупна нето површина од 362 квадратни метри, распределени во три занимални, сала за манифестации, административен и помошно-технички дел.
Средствата за изградба, во износ од 21 милион денари, се обезбедени од Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека отворањето на градинката во Сопиште е уште една потврда за заложбите на Владата за грижа за најмладите и најави дека во текот на годинава ќе бидат отворени уште неколку вакви објекти во Скопје.
„Работиме во насока што повеќе вакви објекти да бидат ставени во функција. Очекувам оваа година да отвориме уште неколку детски градинки во главниот град“, истакна Мицкоски, додавајќи дека сите проекти од ваков тип ќе продолжат да добиваат поддршка и во иднина.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски нагласи дека Министерството вложува максимални напори во унапредување на детската заштита. Тој информираше дека во Скопје во моментов се градат, доградуваат или реконструираат вкупно 16 детски градинки – четири во Гази Баба, по три во Ѓорче Петров и Карпош, две во Бутел, Кисела Вода и Аеродром.
Во завршна фаза е и изградбата на градинка во Петровец, додека веќе е распишана постапка за нов објект во општина Зелениково. Со реализацијата на овие проекти, повеќе од 2.100 деца во скопскиот регион ќе бидат опфатени со детска заштита.
„Листите на чекање ќе станат минато“, истакна Велковски.
Градоначалникот на општина Сопиште Јане Мицевски порача дека локалната самоуправа и понатаму ќе работи на унапредување на условите за децата во предучилишното и основното образование, додавајќи дека во соработка со Владата веќе се реализираат проектите од вториот јавен повик.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












