Над 125 илјади инспекциски контроли од областа на безбедноста на храната и храната за животни, како и од здравствената заштита и благосостојбата на животните, спровеле минатата година официјалните ветеринари и инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), соопштија денеска од институцијата.
Контролите опфатиле домашен промет, производство, дистрибуција, угостителски објекти, како и увоз и извоз на храна. Акцент бил ставен на почитувањето на Добрата хигиенска и Добрата производствена пракса, спроведувањето на НАССР системот, правилното означување на храната, мониторингот на домашната и увезената храна, како и на здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Од АХВ информираат дека фреквенцијата на контролите се одвивала согласно категоризацијата на операторите со храна според степенот на ризик, при што објектите со висок ризик биле почесто контролирани.
Во текот на 2025 година биле реализирани 47.200 контроли во внатрешниот промет, во рамки на редовни и вонредни инспекциски надзори. Притоа биле издадени 5.406 решенија, поднесени 10 прекршочни пријави и изречени 1.073 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 618.010 евра во денарска противвредност. Дополнително, поднесени биле осум кривични пријави, сите од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните.
Во рамки на овие контроли била одземена и нештетно уништена небезбедна храна во вкупна количина од 355.377 килограми. Станува збор за месо и месни производи, млеко и млечни производи, јаткасти плодови, јајца, риба, кондиторски производи, како и алкохолни и безалкохолни пијалаци.
Покрај тоа, инспекциските служби спровеле и 78.016 контроли на увозни пратки и пратки во транзит, кои содржеле храна од животинско и неживотинско потекло, добиточна храна, материјали што доаѓаат во контакт со храната и живи животни.
Како небезбедни биле уништени осум пратки со храна од неживотинско потекло во количина од 69.785 килограми, додека една пратка била вратена во земјата извозник. Уништени биле и три пратки со храна од животинско потекло во вкупна количина од 22.061 килограм, а дополнително биле вратени 16 вакви пратки.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












