Околу 11.000 административни службеници ќе добијат покачување на платите од речиси 40 проценти до 2028 година, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски по средбата со репрезентативните синдикати во Владата.
Според него, станува збор за поширок пакет што ги опфаќа и вработените во судовите и обвинителствата. Договорот, како што нагласи, ќе важи до 2028 година и претставува дел од процесот на регулирање на односите меѓу Владата како најголем работодавач и вработените во јавниот сектор.
Мицкоски истакна дека вакви договори веќе се постигнати со вработените во образованието, здравството и други институции, додавајќи дека ова е „историски момент“ бидејќи досега немало ваков план за постепено зголемување и усогласување на платите со цел да се достигне, како што рече, достоинствено ниво.
Премиерот посочи дека договорот е резултат на конструктивни разговори и дел од, како што ги нарече, храбрите чекори на Владата, направени и покрај домашните и глобалните економски предизвици.
Тој нагласи дека постигнатото решение ќе треба да се операционализира преку индивидуални договори, а најави и подготвеност за преговори за нов Општ колективен договор со репрезентативните синдикати ССМ и КСС. Новиот договор, според него, треба да биде основната алатка за исплата на платите и за уредување на односите меѓу работниците и Владата.
Мицкоски додаде дека Владата очекува преговорите да се одвиваат во дух на соработка и доверба, со цел, како што рече, да се постигне решение од кое ќе имаат корист и работниците, и институциите, и државата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












