Не добивме поддршка од советниците на ВМРО и СДСМ со коалициите за итност на носење одлука за задолжување на стручните служби и градоначалникот да издадат времена мерка – запирање на градежни работи на парцелата кај Макпетрол, каде што се гради т.н. 17-катница – велат советниците од Независни за Карпош – За заштита на Карпош.
Советничката Невена Георгиевска информираше дека од Општина Карпош најавиле оти ќе поднесат жалба против решението за поништување на позитивното конзерваторско мислење од Конзерваторскиот центар – Скопје и нагласиле дека се сигурни оти ќе добијат, бидејќи според нив позитивното мислење било поништено заради некои минорни пропусти
Како и вонредната седница на која Советот на Општина Ѓорче Петров требаше да донесе одлука да се суспендира дел од ДУП за Градска четврт С3 16, така и вонредната седница на Советот на Општина Карпош на која советниците од Независни за Карпош- За заштита на Карпош побараа градоначалникот и општинските служби да го поништат одобрението за градба на 17-катницата зад поликлиниката „Букурешт“ заврши неуспешно.
– Не добивме поддршка од советниците на ВМРО и СДСМ со коалициите за итност на носење одлука за задолжување на стручните служби и градоначалникот да издадат времена мерка „запирање на градежни работи на парцелата кај Макпетрол, каде што се гради т.н. 17-катница“ – велат советниците од Независни за Карпош – За заштита на Карпош.
Советничката, Невена Георгиевска истакна дека на вонредната седница што ја свикал претседателот на Советот на Општина Карпош, исто како и во Ѓорче Петров, мнозинството советници се изјасниле дека не постои оправданост од свикување на вонредна седница.
– Имавме поддршка од само три гласа од советниците од Левица и нашите два гласа, што значи вкупно пет, што не беа доволни да се одржи вонредната седница – изјави Георгиевска.
Таа додава дека и да се донело одлука за привремено запирање на градежните активност, од Општина Карпош им било кажано дека Советот немал ингеренции да донесе таква одлука.
– Сметам дека со донесување на таква одлука Советот на Општина Карпош ќе заземеше сигурен став дека сме против градење на таков начин, со непочитување на законите и покрај тоа што градоначалникот немаше да ја потпише таквата одлука – истакна Георгиевска.
Таа наведе дека на ваков начин има одлука Советот да се држи настрана од ова.
Георгиевска информираше дека од Општина Карпош најавиле оти ќе поднесат жалба против решението за поништување на позитивното конзерваторско мислење од Конзерваторскиот центар – Скопје и нагласиле дека се сигурни оти ќе добијат, бидејќи, според нив, позитивното мислење било поништено заради некои минорни пропусти.
– Општината се држи до тоа дека има рок од 15 дена за жалба и го смета за неправосилно решението со кое е поништено позитивното конзерваторско мислење додека не помине тој рок – вели Георгиевска.
Таа потенцира дека ќе чекаат да видат што ќе се случи со жалбата за да одлучат какви чекори понатаму ќе преземат.