Денес новиот директор на Државниот архив на Македонија, м-р Димитар Богески, официјално ја презеде функцијата од неговата претходничка, информираа од институцијата.
Во објавата на официјалната Фејсбук страница на Државниот архив на Македонија се наведува дека за директорот Богески оваа функција не претставува привилегија, туку обврска – со јасна цел работата на Архивот да биде транспарентна, отворена, отчетна и достапна за сите граѓани. Тој упати благодарност до досегашната директорка, за нејзиниот ангажман и придонес во изминатиот период.
„Архивот како институција зазема значајно место во нашата држава. Тој е чувар на историјата и идентитетот на Република Македонија, обезбедувајќи континуитет меѓу минатото, сегашноста и иднината. Ова е првпат по долги години на чело на една ваква престижна позиција да дојде човек кој е од редовите на вработените – со 19 години работен стаж, кој ги поминал сите скалила во институцијата. Тоа искуство е од непроценливо значење и ќе помогне во надминувањето на сите предизвици со кои се соочуваат вработените и корисниците на услугите на Архивот, стои во објавата.
Целта на новиот директор е Архивот да биде отворен кон сите, да се слушнат различни идеи и решенија со цел подобра и поефикасна работа. Пред сè, тој е тука за вработените, кои се столбот на институцијата и чија посветеност е клучна за нејзиниот развој.
Директорот Богески верува во заедничка и посветена работа, чија цел е Архивот да се издигне на повисоко ниво – како современа институција која ќе обезбеди дигитализација, поголема достапност на документите, зајакнување на научната и образовната улога, како и промоција на културното наследство пред домашната и меѓународната јавност.
Државниот архив останува институција која ја гарантира меморијата на државата и ја гради довербата на граѓаните. Со нова енергија и визија, тој ќе продолжи да биде темел на знаењето и мост кон иднината, порачаа од институцијата во објавата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












