Македонската машка кадетска кошаркарска репрезентација на убедлив начин го започна настапот на Европското првенство Б Дивизија, кое се одржува во Скопје и Гевгелија. Нашите млади кошаркари во салата „26 Април“ во Гевгелија го совладаа Кипар со 82:63 и ја запишаа првата победа на шампионатот.
Најзаслужен за триумфот беше Дион Шабани, кој блескаше со дабл-дабл учинок од 37 поени и 10 скока. Одлична партија прикажа и Александар Зунзуровски, кој натпреварот го заврши со 23 поени.
Македонија уште од самиот почеток ја презеде контролата врз натпреварот и со одлична игра брзо поведе со 22:5. Првата четвртина заврши со предност од 28:19, а во вториот период нашите кошаркари ја зголемија разликата и во еден момент водеа со 44:23. На полувремето Македонија замина со сигурни 45:33.
Во третата четвртина селекторот им даде шанса на сите кошаркари, што Кипар го искористи за да ја намали негативата на само пет поени (46:41). Сепак, македонската репрезентација брзо возврати со серија од 12:2 и повторно воспостави двоцифрена предност, која до крајот само ја зголемуваше.
Во последната четвртина Македонија рутински го приведе мечот кон крај и заслужено стигна до убедлива победа од 82:63.
Следниот предизвик за македонските кадети е веќе утре, кога во салата „26 Април“ во Гевгелија ќе се соочат со селекцијата на Исланд. Натпреварот започнува во 18:30 часот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












