Премиерот Христијан Мицкоски денеска го коментираше ставот на Македонија во врска со апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на Соединетите Американски Држави.
Мицкоски нагласи дека Владата целосно стои зад аргументите и потезите на стратешкиот партнер на државата, додавајќи дека критиките кои доаѓаат од дел од европските земји треба да се согледуваат низ призма на нивната тишина во минатото, кога, како што рече, меѓународното право било кршено на штета на Македонија.
„Таквиот коментар би им го оставил на експертите по меѓународно право. Како тогаш сите тие се оглувеа и никој не го коментираше тоа што ѝ се случуваше на Македонија, а сега одеднаш сите имаат мислење. Еднаш кога ќе се направи исклучок, тој станува пракса и прашање е време кога повторно ќе се удри од нечиј грб“, изјави премиерот.
Тој потсети на искуствата на државата поврзани со промената на уставното име, измената на знамето и блокадите на евроатлантскиот пат, посочувајќи дека тогашните ветувања за брзо членство во ЕУ и НАТО не биле исполнети.
„Имаше и пресуда од Хаг дека Македонија не смее да биде блокирана, но се случи спротивното. Тогаш имаше громогласна тишина од оние кои денеска коментираат. Дали ова е преседан или не, ние како Влада стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави“, рече Мицкоски.
Според него, светот влегува во нова геополитичка фаза, а Македонија, како членка на ОН и НАТО, има право легитимно и проактивно да ги штити сопствените национални интереси.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












