Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека лиценците на уште три компании што произведуваат медицински канабис ќе им бидат одземени, со што вкупниот број на такви компании ќе достигне девет. Тој додаде дека работата на уште една компанија се анализира.
„Досега 23 компании се процесирани, а за три е сигурно дека ќе им бидат одземени лиценците. Четвртата се анализира“, рече Алиу, одговарајќи на новинарско прашање за инспекциите во ваквите компании.
На 24 февруари Владата донесе одлука за одземање на лиценците за одгледување медицински канабис на шест фирми кај кои комисијата формирана од Министерството за здравство утврдила повеќе недостатоци во работењето. Лиценците беа одземени на компаниите: „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, поради административни, инфраструктурни, технолошки неправилности и недостаток на човечки ресурси.
Компанијата „Алфафарм“ е спомената и во истрагата на српското обвинителство за организиран криминал, поради откриени пет тони марихуана во околината на Крушевац, за што е осомничен еден од четворицата косопственици.
„Засилените вонредни контроли ќе се извршат кај сите правни субјекти, односно вкупно 43 компании ќе бидат опфатени“, нагласи министерот.
Министерството за здравство ја формира комисијата по заплената на 40 тони марихуана во земјава, што следуваше по откривањето на пет тони марихуана во Србија, за која властите утврдија дека потекнува од Македонија. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против шест лица осомничени за вмешаност или поврзаност со шверцот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












