Американскиот долар значително зајакна на глобалните финансиски пазари оваа недела, поттикнат од зголемените геополитички тензии на Блискиот Исток, кои ги натераа инвеститорите да се свртат кон побезбедни валути. Дополнителна поддршка за американската валута дојде и од очекувањата дека Federal Reserve нема брзо да ги намали каматните стапки.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на доларот во однос на шест водечки светски валути, порасна за 1,2 проценти и достигна 98,85 поени. Во однос на еврото, доларот зајакна за 1,6 проценти, при што вредноста на Евро се намали на 1,1618 долари.
Американската валута забележа раст и во однос на јапонски јен, зајакнувајќи за 1,1 процент и достигнувајќи ниво од 157,80 јени.
Главна причина за ваквите движења е ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, по нападите на Соединетите Американски Држави и Израел врз Иран. Овие настани предизвикаа турбуленции на финансиските пазари и ја зголемија побарувачката за доларот, кој традиционално се смета за „сигурно засолниште“ во време на неизвесност.
Геополитичките тензии доведоа и до силен раст на цените на нафтата. На американскиот пазар цената на барел скокна за повеќе од 35 проценти и достигна 90,90 долари, што претставува најголем неделен раст од 1983 година.
На Лондонска берза за нафта, цената на барелот порасна за околу 28 проценти, што е најголем раст од 2020 година.
Наглиот раст на цените на енергенсите ги зголеми и стравувањата од нов бран инфлација, која веќе е над целното ниво од околу 2 проценти поставено од Федералните резерви. Поради тоа, аналитичарите сметаат дека централната банка може да го одложи намалувањето на каматните стапки најмалку до јуни, а можеби и подолго.
Според валутниот аналитичар Ли Хардман од MUFG, клучниот фактор во наредниот период ќе биде движењето на цените на нафтата. Доколку тие останат високи или продолжат да растат, доларот би можел да ја задржи својата сила. Но, ако кризата на Блискиот Исток се смири и цените на нафтата почнат да паѓаат, можно е американската валута повторно да ослаби.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












