Екипите на ФК Тиквеш и ФК Башкими ги искористија предностите на домашниот терен и запишаа важни победи во денешните натпревари, совладувајќи ги ФК Пелистер односно ФК Македонија Ѓорче Петров.
Во натпреварот одигран во Кавадарци, домашниот тим на Тиквеш славеше минимална победа од 1:0 против Пелистер. Решавачкиот момент на натпреварот се случи во 38. минута, кога Мартин Стојанов успеа да ја затресе мрежата по одличната асистенција од Стојкоски.
Во второто полувреме и двете екипи имаа свои шанси за погодок, но резултатот остана непроменет. Најголемата можност за израмнување Пелистер ја имаше во 90. минута, кога ударот на Керим беше изблокиран буквално од самата гол-линија, со што домаќините ја сочуваа предноста до самиот крај.
Со оваа победа Тиквеш стигна до 30 освоени бодови и моментално се наоѓа на шестата позиција на табелата, додека Пелистер останува на 21 бод и се наоѓа на десеттото место.
Во вториот натпревар, одигран во Куманово, екипата на Башкими го скрши отпорот на Македонија Ѓорче Петров во последните петнаесет минути од натпреварот.
Домаќините поведоа во 75. минута со гол за водство од 1:0, а сите дилеми околу победникот беа решени во 84. минута кога Башкими постигна уште еден погодок за конечни 2:0.
По оваа победа, Башкими има 32 бодови и се искачи на петтото место на табелата, додека Македонија Ѓорче Петров останува со 23 бодови и моментално се наоѓа на деветтата позиција.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












