По период на континуирани поскапувања, граѓаните конечно добиваат мало олеснување, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување на цените на бензините, додека дизелот останува на исто ниво.
Од ноќеска по полноќ, малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 1,41 проценти во однос на претходната одлука. Бензините поевтинуваат за 2,5 до 3 денари по литар, додека цената на дизелот не се менува.
Според новата одлука, еуросупер БС-95 ќе се продава по 84 денари за литар, еуросупер БС-98 по 85,5 денари, додека еуродизелот останува на 95,5 денари за литар. Намалување има и кај екстра лесното масло за горење, кое ќе чини 92,5 денари, како и кај мазутот.
Од РКЕ информираат дека е намален и трошокот за работење преку склад, од 1,70 на 1,20 денари по литар, со цел да се амортизираат ефектите од глобалните ценовни шокови и да се заштитат потрошувачите.
Сепак, и покрај ова благо намалување, неизвесноста на пазарот останува. Геополитичките тензии и случувањата на светските берзи и натаму имаат силно влијание врз цените на горивата, па идните корекции ќе зависат од развојот на состојбите на глобалниот енергетски пазар.
Анализите покажуваат дека во многу делови од светот цените на горивата значително растат, особено кај дизелот, што дополнително го зголемува притисокот врз економиите и животниот стандард. Во такви услови, секое намалување на домашниот пазар, иако мало, сепак претставува олеснување за граѓаните и бизнисите.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












