Само една недела ја дели политичката сцена од најавеното обединување на албанскиот политички блок во земјава, процес што коалицијата ВЛЕН го најавува како историски чекор. На 9 мај, симболично на Денот на Европа, се очекува трансформација на коалицијата во единствен политички субјект со заедничко име, платформа и насока.
Според најавите, околу 850 делегати ќе учествуваат на настанот, каде треба да се потврди спојувањето на пет политички ентитети во една организација. Од ВЛЕН велат дека со ова се става крај на долгогодишната фрагментација и се отвора ново поглавје на координирано политичко делување.
Процесот се одвива под слоганот „вредно е едно“, со акцент на надминување на поделбите и ставање крај на политиките водени од лични интереси. Изборот на датумот, како што велат, има симболика – обединување и заеднички вредности, во духот на Европа.
Новата структура, според најавите, ќе има цел посилно и појасно политичко претставување на Албанците, со единствен глас во институциите. Сепак, од коалицијата признаваат дека ваквиот потег нема да наиде на поддршка од сите, особено кај оние кои, според нив, профитирале од досегашната разединетост.
Какви ќе бидат ефектите од ова обединување и дали ќе донесе вистинска политичка консолидација, ќе стане појасно по 9 мај, кога ВЛЕН ќе ја претстави својата нова политичка форма.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












