Најдобриот тенисер во светот во моментов, Јаник Синер, и рекордерот по бројот на освоени гренслем-титули, Новак Ѓоковиќ, се најдоа во различни половини од ждрепката за претстојниот Ролан Гарос, што значи дека нивен евентуален дуел би можел да се случи дури во финалето во Париз.
Италијанецот на вториот гренслем турнир сезонава пристигнува во одлична форма и со серија од 29 последователни победи. Настапот ќе го отвори против Французинот Клемен Табур, кој доби специјална покана за учество на турнирот. Синер во Париз ќе се обиде да го комплетира и кариерниот гренслем, односно да освои титули на сите четири најголеми тениски турнири.
Новак Ѓоковиќ, пак, ќе ја започне битката за историската 25. гренслем-титула против Французинот Џовани Перикар, еден од највисоките тенисери на турнирот.
Српскиот тенисер веќе во третото коло би можел да се соочи со големата бразилска надеж Жоао Фонсека, додека во неговата половина од ждрепката се наоѓа и минатогодишниот финалист во Париз, Александер Зверев. Германецот настапот ќе го почне против Французинот Бенџамин Бонзи.
Ждрепката најавува можни возбудливи пресметки уште во раната фаза од турнирот, додека љубителите на тенисот се надеваат на големо финале меѓу Синер и Ѓоковиќ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












