Во Косово денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори, трети во последните 16 месеци, поради неможноста политичките партии да постигнат договор за избор на нов претседател на државата.
Изборите се одржуваат во услови на продолжена политичка и институционална криза, а најголеми очекувања за победа повторно има движењето Самоопределување предводено од актуелниот премиер Албин Курти.
До новите избори дојде откако Собранието не успеа во уставно предвидениот рок да избере наследник на претседателката Вјоса Османи по истекот на нејзиниот мандат.
Право на глас имаат 2.092.174 граѓани. Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Во изборната трка учествуваат 21 политички субјект со вкупно 902 кандидати за пратеници. Од нив, три се коалиции, 17 се политички партии, а еден е независен кандидат.
Изборниот процес се спроведува во 949 избирачки центри со вкупно 2.550 избирачки места низ Косово. Дополнително, гласање е организирано и во странство, каде што косовските државјани можеа да гласаат преку пошта или во дипломатско-конзуларните претставништва.
Од вкупниот број гласачи, 1.959.962 се запишани за гласање во Косово, додека 132.212 се регистрирани за гласање надвор од државата.
Според политичките аналитичари, Самоопределување повторно е фаворит за победа. Сепак, се очекува партијата на Курти да има потреба од поддршка од други политички субјекти за обезбедување пошироко парламентарно мнозинство, неопходно за избор на нов претседател.
На последните парламентарни избори одржани во декември 2025 година, Самоопределување освои 51,1 отсто од гласовите. Но, и покрај изборниот успех, партијата не успеа да постигне договор со опозицијата за избор на шеф на државата, што доведе до распуштање на парламентот и распишување нови избори.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












