Доктор Никола Пановски преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на, како што оценува, сериозен бирократски пропуст поврзан со водоснабдувањето во Гостивар. Според него, проект вреден седум милиони евра, финансиран со швајцарски грант, останал блокиран поради неплатена фактура во износ од 16.500 денари.
Повикувајќи се на информации објавени во телевизиските вести, Пановски наведува дека ЈП „Комуналец“ – Гостивар соопштило оти грантот не можел да се реализира бидејќи ЈП „Државни патишта“ две години не издало одобрение за поставување цевковод во должина од 600 метри.
Според неговата објава, од ЈП „Државни патишта“ одговориле дека барањето било поднесено во февруари 2024 година и дека одговорот бил подготвен, но не бил доставен затоа што не била платена фактура од 16.500 денари за извршената услуга.
„Крај“, напиша Пановски, додавајќи дека во меѓувреме се смениле и централната и локалната власт.
Тој смета дека административниот застој може да се поврзе со кризата со водоснабдувањето и појавата на епидемијата во Гостивар, оценувајќи дека последиците се неспоредливо поголеми од сумата поради која, според него, проектот бил блокиран.
„За 250 евра, закочен е проектот од седум милиони евра, а епидемијата ќе беше избегната, Гостивар ќе имаше чиста вода под притисок. За 250 бирократски евра, страда цел град, илјадници судбини, а трошоците се многу поголеми од седум милиони евра“, напиша Пановски.
Во објавата тој нагласува дека неговата критика не е насочена кон актуелната власт, туку кон начинот на кој функционирале институциите низ годините.
„Ова нема врска со власта, ама има со сите власти“, наведува Пановски.
Тој додава дека информациите ги презел од телевизиските вести на Телма и МРТ, опишувајќи го случајот како „неверојатен, но вистинит“.
Тврдењето дека реализацијата на проектот би ја спречила епидемијата претставува став и оценка на доктор Никола Пановски, изнесени во неговата објава на социјалните мрежи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












