Македонија останува „заложник на неточна и непринципиелна блокада“ на својот пат кон Европската Унија, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за време на посетата на Софија.
Тој посочи дека македонската страна сака јасно да им укаже на бугарските партнери дека актуелната состојба им штети и на двете држави, како на политички и економски план, така и на нивните граѓани.
„Најлесниот начин да се придвижиме напред и да ги решаваме билатералните прашања е Бугарија да ги отвори вратите и да овозможи почеток на преговорите. Прашањата поврзани со историјата, идентитетот и јазикот не се тема за која оваа влада е подготвена да преговара“, истакна Муцунски.
Во текот на денот, тој ја придружува претседателката Гордана Силјановска-Давкова на средба со бугарската потпретседателка Илијана Јотова.
Муцунски оцени дека меѓу двете земји постои значително ниво на недоверба, создадено од долгогодишни спорови и негативни перцепции, но нагласи дека Македонија е подготвена да работи на создавање попозитивна атмосфера во односите.
„Наместо да се занимаваме со прашања од историјата, идентитетот и јазикот, кои се внатрешна работа на секоја држава, треба да се насочиме кон нашата заедничка иднина во Европската Унија“, рече тој.
Според министерот, проширувањето на ЕУ денес не претставува само технички процес, туку и стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа.
Тој додаде дека Македонија претставува позитивен пример во регионот, спроведува европски реформи и е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Овие пораки беа испратени на состанокот на министрите за надворешни работи на Процес за соработка во Југоисточна Европа, кој годинава одбележува 30 години од своето формирање.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












