Општина Аеродром и советничката група на СДСМ влегоа во јавна расправа околу постапката за отуѓување на градежно земјиште на атрактивна локација во општината. Додека опозицијата обвинува за распродажба на јавен имот, локалната власт тврди дека станува збор за законска и транспарентна постапка во интерес на развојот на општината.
Од ОО на СДСМ во Аеродром, советникот Марко Даниловски обвини дека општината продава градежно земјиште по цена од околу 2.000 денари за квадратен метар. Станува збор за парцела од приближно 23.000 квадратни метри во близина на Хотел Русија и Спортски центар Јане Сандански.
Според опозицијата, земјиштето е наменето за спорт и рекреација, но со можност за изградба на комерцијални и деловни содржини, што отвора дилеми околу вистинската намена на просторот. Од СДСМ поставуваат прашања за условите на аукцијата, висината на банкарската гаранција и идниот инвеститор, барајќи прекин на постапката.
Од Општина Аеродром ги отфрлаат ваквите обвинувања како политички мотивирани и неосновани. Оттаму посочуваат дека се работи за законска процедура која е усогласена со сите прописи и која била одобрена од Советот на општината без противење од советниците.
Според општината, програмата за располагање со градежно земјиште била усвоена на седница на Советот одржана на 26 декември 2025 година со 16 гласа „за“, без гласови „против“ и „воздржани“.
Локалната власт дополнително наведува дека почетната цена не претставува конечна продажна вредност, туку почетна основа за електронско јавно наддавање, при што конечната цена ќе се формира преку транспарентна аукција со учество на сите заинтересирани понудувачи.
Од Општина Аеродром додаваат дека на локацијата е предвиден проект со спортски и рекреативни содржини, како и уреден јавен простор, за кој сметаат дека ќе придонесе за подобар квалитет на живот на жителите.
„Ова не е распродажба, туку развој во интерес на граѓаните“, порачуваат од општината, најавувајќи продолжување на проектите поврзани со спортот, инфраструктурата и урбаниот развој.
Со тоа повторно се отвори дебата меѓу локалната власт и опозицијата за идниот развој и користење на градежното земјиште во општината.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












