Собранието вечерва не ја усвои интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. За интерпелацијата гласаа 21 пратеник, 62 беа против, додека воздржани немаше.
Иницијативата беше поднесена од пратениците на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, кои го обвинија министерот за слаби резултати во земјоделството, намалени субвенции, неисполнети ветувања, пад на откупните цени, блокирани европски средства и незадоволство кај земјоделците. Од опозицијата побараа негова политичка одговорност и оставка.
Владејачкото мнозинство ја оцени интерпелацијата како неоснована и политички мотивирана, наведувајќи дека станува збор за обид да се префрли вниманието од состојбите наследени од претходната власт во секторот.
Во своето обраќање пред пратениците, Трипуновски ги отфрли обвинувањата и истакна дека Министерството бележи позитивни резултати. Тој посочи дека извозот на земјоделски производи во 2025 година е зголемен за 85 милиони евра во споредба со претходната година и изнесува 417 милиони евра.
Според него, раст има и кај откупот на земјоделските производи, а сè поголем број земјоделци директно ги пласираат своите производи на пазарот, во трговските ланци и угостителските објекти.
Трипуновски порача дека интерпелацијата нема да го поколеба во спроведувањето на реформите, најавувајќи продолжување на модернизацијата на земјоделството, инвестиции во системите за наводнување и нови законски решенија за долгорочно решавање на предизвиците во секторот.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека интерпелацијата претставува политички обид на опозицијата да ги оспори резултатите на актуелниот министер, додека од опозицијата беа изнесени критики за состојбите во земјоделството за време на нивното претходно владеење.
Со гласањето во Собранието, Трипуновски ја задржа довербата на парламентарното мнозинство и останува на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












