Од легендарниот стадион „Астека“ во Мексико Сити вечерва започнува новото Светско првенство, на кое учествуваат 48 репрезентации од целиот свет.
Во првиот натпревар домаќинот Мексико ќе се соочи со Јужна Африка, а директниот пренос ќе започне во 21:00 часот на каналот Арена спорт МК 1 со коментар на македонски јазик. Претходно, од 20:00 часот, ќе се одржи свеченото отворање на турнирот.
Со овој натпревар започнува 39-дневната битка за највредниот трофеј во светскиот фудбал, при што ќе бидат одиграни вкупно 104 натпревари низ Канада, САД и Мексико. Финалето е закажано за 19 јули на стадионот „МетЛајф“ во Њујорк.
Актуелниот светски шампион Аргентина, предводена од Лионел Меси, влегува во турнирот како еден од главните фаворити за одбрана на титулата. Меѓу најсериозните кандидати се и европскиот шампион Шпанија и светскиот вицешампион Франција.
Шпанија пристигнува со генерација предводена од младата ѕвезда Ламин Јамал, со амбиции да ја повтори историската титула од 2010 година. Франција, пак, повторно располага со еден од најсилните состави, предводен од Килијан Мбапе и голем број офанзивни ѕвезди, со цел селекторот Дидие Дешан да испише нова историја.
Аргентина, иако без оглед на големите очекувања и возраста на Меси, влегува во турнирот со висока самодоверба по одличните квалификации, додека Португалија, Бразил и Англија исто така се меѓу сериозните кандидати за трофејот.
Покрај нив, големо внимание привлекуваат и Холандија, Мароко, како и селекции кои можат да направат изненадување како Шкотска, Норвешка и Сенегал.
Ова Светско првенство ќе донесе и четири дебитанти – Јордан, Узбекистан, Курасао и Зелен’рт, додека неколку селекции се враќаат по долга пауза, меѓу кои Хаити и ДР Конго по повеќе од пет децении, како и Норвешка, Австрија и Шкотска по речиси три децении.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












