Државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека останува на ставот да не коментира изјави на политичари, но оцени дека нема ништо спорно во телефонската комуникација што ја имал со премиерот и дека таа не ја загрозува самостојноста и независноста на Јавното обвинителство.
Одговарајќи на новинарски прашања по седница на Советот на јавните обвинители, Савески се осврна на реакциите во јавноста што следуваа по телефонскиот разговор со премиерот Христијан Мицкоски, поврзан со работата на обвинителството и предметите што предизвикуваат јавен интерес.
Савески рече дека не знае дали таквата комуникација е во надлежност на премиерот, но додаде дека секој има право да му се јави и дека во тоа не гледа ништо спорно.
„Како и секој што има право да ми се јави, ми се јавил и премиерот, односно претседателот на Владата, и тука нема ништо спорно“, изјави Савески.
Тој повтори дека нема да навлегува во коментирање на политички изјави, нагласувајќи дека обврска на обвинителството е да ги исполни очекувањата на граѓаните и да обезбеди резултати во своето работење.
Според него, обвинителите во изминатиот период го даваат својот максимум во постапувањето по предметите, вклучително и оние кои се под зголемен интерес на јавноста.
Савески истакна дека отсекогаш се залагал за комуникација меѓу институциите, оценувајќи дека таа е неопходна за постигнување резултати и подобрување на условите за работа во правосудниот систем.
Тој додаде дека токму извршната власт има важна улога во обезбедувањето услови за работа на јавните обвинители, што, според него, е предуслов за поефикасно функционирање на обвинителството.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












