Репрезентацијата на Шпанија го започна настапот на Светското првенство со неочекуван резултат, откако одигра 0-0 против дебитантот Зеленортските Острови. Најзаслужен за историскиот бод на африканската селекција беше искусниот голман Возиња, кој со извонреден настап ги фрустрираше шпанските напаѓачи.
Зад прекарот Возиња се крие Хосимар Жозе Евора Дијас, голман кој непосредно пред почетокот на турнирот го прослави својот 40-ти роденден. Натпреварот против Шпанија беше негов 90-ти настап за националниот тим, а со партијата што ја прикажа дополнително го зацврсти статусот на спортска легенда во својата земја.
Иако неговиот прекар на португалски значи „баба“, тој нема врска со неговата возраст. Возиња објаснил дека името го добил бидејќи бил воспитуван од своите баба и дедо на островот Сао Висенте, далеку од родителите.
На Мундијалот пристигна како слободен играч по истекот на договорот со португалскиот Чавес, но неговите настапи веќе го ставија во центарот на вниманието. По мечот со Шпанија, бројот на неговите следбеници на Инстаграм експлодираше. Од околу 50 илјади пред почетокот на натпреварот, за само неколку часа достигна повеќе од 1,6 милиони.
Сепак, зад огромната популарност стои и врвна спортска изведба. Според статистичките податоци, Возиња имаше седум успешни интервенции, од кои шест беа по удари од непосредна близина во шеснаесетникот. Со своите одбрани спречи дури 1,46 очекувани голови и беше најголемата пречка за шпанските фудбалери.
Покрај сигурноста на голот, се истакна и со играта со нозете. Од 23 долги додавања, успешно реализираше 10, помагајќи му на својот тим да излезе од силниот притисок што го наметна шпанската репрезентација.
Иако неговата пазарна вредност е проценета на само 50 илјади евра, по ваквиот настап не би било изненадување доколку наскоро добие понуди од нови клубови. Возиња ја започнал кариерата во Зеленортските Острови, а првиот чекор во странство го направил во 2012 година кога се преселил во Ангола.
Во текот на кариерата настапувал за клубови од Ангола, Молдавија, Португалија, Кипар и Словачка, а денес е едно од најпрепознатливите лица на Светското првенство и симбол на најголемото изненадување во првото коло од турнирот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












