Од денеска официјално започнува со работа новата директна авиолинија меѓу Охрид и Виена, која ќе ја опслужува авиокомпанијата „Остријан ерлајнс“, овозможувајќи им на патниците од Охрид и регионот побрзо и полесно поврзување со австриската престолнина.
По повод пристигнувањето на првиот лет од Виена, на охридскиот аеродром ќе се одржи свечен настан и прес-конференција. Пред присутните ќе се обратат генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на Австрија во Скопје, Матијас Хуменбергер, како и Штефан Линхарт, виш директор за продажба за Централна и Источна Европа, Израел и Турција во рамки на групацијата „Луфтханза“.
Новата авиолинија се очекува да придонесе за поголема туристичка размена, подобра поврзаност на Охрид со европските центри и полесен пристап до бројни светски дестинации преку мрежата на „Луфтханза“.
Со воведувањето на директните летови до Виена, патниците ќе добијат нова можност за побрзо, поудобно и поефикасно патување, што дополнително ќе го зајакне значењето на охридскиот аеродром како регионален воздушен центар.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












