Шкендија Арачиново и Силекс ремизираа 1-1 во натпревар исполнет со возбудувања, два досудени пенали, ВАР-интервенција и одлични интервенции на двајцата голмани.
Првото полувреме донесе претпазлива игра со мал број шанси. Домашниот состав поведе во 32. минута, кога по досуден пенал капитенот Бесир Демири сигурно реализираше за 1-0. Тоа беше и првиот гол на Шкендија Арачиново во Првата македонска фудбалска лига.
До паузата домаќините имаа можност да ја зголемат предноста, но ударот на Симоновски по корнер заврши над голот. На спротивната страна, Силекс ја затресе мрежата во финишот на првиот дел, но погодокот беше поништен поради офсајд.
Во второто полувреме кратовци беа поопасен противник и создадоа повеќе шанси, но голманот Столевски со неколку одлични интервенции ја зачува минималната предност на својот тим.
Најголемите возбудувања се случија во завршницата. Ливарека најпрво ја погоди стативата и пропушти можност да го реши натпреварот, а веднаш потоа Силекс доби пенал. Столевски го одбрани ударот на Богдановски, но гостите не се предадоа.
Во 82. минута, по ВАР-проверка, беше досуден нов пенал за Силекс по прекршок врз Богдановски. Хасукиќ беше сигурен од белата точка и ги постави конечните 1-1.
Во следното коло Шкендија Арачиново ќе гостува кај Тиквеш во Кавадарци, додека Силекс на домашен терен ќе го пречека тимот на Скопје.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












