Собранието денеска ќе ја одржи 106-тата седница, на чиј дневен ред се наоѓа и интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратениците на Левица.
Интерпелацијата ја поднесоа Амар Мециновиќ, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Јована Мојсоска, Реџеп Исмаил и Сашко Јанчев, кои го обвинуваат министерот за, како што наведуваат, создавање „приватна партиска полиција“ со цел прикривање на владините пропусти и спроведување политички реваншизам кон опозицијата.
Меѓу причините за интерпелацијата се наведуваат и командна одговорност за полициските пропусти кои доведоа до трагедијата во Кочани, незаконски претрес кај директорка на училиште во Демир Хисар, како и непостапување на полицијата во случаи на семејно, врсничко и родово базирано насилство и говор на омраза.
Пратениците посочуваат и на, според нив, непрофесионални двојни стандарди во постапувањето на полицијата, различен пристап кон исти или слични случаи и злоупотреба на полициските овластувања при употреба на сила.
Во интерпелацијата се наведуваат и обвинувања за судир на интереси и бизнис шеми од периодот кога Тошковски бил адвокат, како и за саботирање на постапки и несоработка со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со цел заштита на политички моќници и коалициски партнери на власта.
Дополнително, се споменуваат и наводи за неказнет криминал на функционери и запирање на постапката поврзана со случајот со канцерогениот мазут.
Според предлагачите, јавноста е сведок на бројни контроверзии поврзани со селективно постапување на полицијата, непостапување по пријави за организиран криминал и урбана мафија, политички мотивирани акции, прекумерна употреба на полициски овластувања, безбедносни пропусти, неефикасност во расчистувањето на тешки кривични дела, привилегиран третман на високи функционери и сериозни институционални слабости во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












