Унгарскиот јавен сервис М1 денеска во 16 часот ја прекина информативната програма, а наместо вести на екранот беше емитувана порака со извинување до гледачите и најава за промени во работата на медиумот.
Во пораката што ја прикажа телевизијата се наведува дека јавните медиуми не смеат да шират невистини и дека сервисот се трансформира со цел да стане независен и кредибилен.
„Се извинуваме што со години го правевме тоа. Јавниот сервис сега се трансформира за да биде независен и кредибилен. Информативната програма е привремено суспендирана. Останете со нас“, стоеше во пораката.
Истовремено, престана со работа и информативниот портал „Хирадо“, кој ја објави истата порака, додека државното Радио Кошут наместо вести емитуваше музичка програма.
Според унгарската државна новинска агенција МТИ, телевизијата М1 ќе продолжи со емитување во изменет формат, со филмска програма и без информативни содржини. Во меѓувреме, програмата на Радио Барток ќе биде емитувана преку фреквенцијата на Радио Кошут.
Од МТИ информираа дека паралелно се формира нова редакција, по што информативната програма постепено ќе биде обновена. Тие наведоа дека промените нема значително да влијаат врз останатите содржини на јавниот сервис.
Спортскиот канал М4 Спорт, според најавите, ќе продолжи непречено со емитување на спортски настани.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар оцени дека станува збор за „историски момент“, наведувајќи дека е прекината, како што тврди, пропагандата во јавниот сервис.
Маѓар и неговата партија Тиса во предизборниот период најавуваа дека доколку дојдат на власт ќе ја прекинат партиската влијание врз државните медиуми.
Телевизијата М1 со години се сметаше за еден од каналите блиски до политиките на Фидес и на премиерот Виктор Орбан, а во претходниот период беше реорганизирана во 24-часовен информативен канал.
Во пресрет на најавените промени, привремениот извршен директор на MTVA, Андраш П. Хорват, го разреши директорот на М1, Жолт Немет. Според медиумите, оставка поднел и заменик-директорот за содржини Жолт Мезеи.
Во рамки на промените, откази добиле и дел од телевизиските презентери. Новото привремено раководство официјално ги презеде функциите, а по завршувањето на преодниот период се очекува распишување конкурс за избор на ново трајно раководство.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












