Изградбата на автопатот Тетово-Гостивар се одвива според планираната динамика, а првите завршени километри се очекува да бидат пуштени следната година. Целосното завршување на делницата е планирано до крајот на 2028 година, информираше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
При посетата на Тетово, Николоски посочи дека проектот е започнат од актуелната Влада, а во изминатиот период биле решени прашањата поврзани со експропријацијата. Во моментов, како што нагласи, се работи на дислокација на инфраструктурните водови и изградба на придружни објекти.
Тој објасни дека паралелно се градат натпатници и мостови, со цел автопатот да не создаде прекини во комуникацијата меѓу населените места од двете страни на трасата.
„Ако продолжиме со оваа динамика, следната година ќе ги видиме првите завршени километри, а до крајот на 2028 година целосно ќе биде завршен автопатот од Тетово до Гостивар“, изјави Николоски.
Покрај патната инфраструктура, министерот информираше дека се работи и на проект за железничко поврзување на западниот дел од државата со Скопје, во соработка со Европската Унија преку Планот за раст.
Според најавите, во првата фаза е предвидено поврзување на Скопје со Тетово и Гостивар, потоа продолжување кон Кичево, а во третата фаза железничката мрежа би се проширила кон Охрид, Струга и Албанија.
Николоски посочи дека целта е воспоставување меѓуградски возови кои би го намалиле сообраќајниот метеж и загадувањето, а граѓаните би добиле побрза и покомфорна транспортна алтернатива.
Тој најави дека активностите се продолжение на проектот „Градски воз“ во рамки на Скопје и изрази надеж дека во наредниот период ќе започнат и конкретни активности на терен.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












