Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави засилени контроли во високото образование, посочувајќи дека универзитетите кои нема да ги отстранат утврдените неправилности ризикуваат да останат без акредитација и да бидат затворени.
За време на посетата на Охрид, Јаневска информира дека во моментов се спроведува мониторинг на најмалку пет универзитети, а паралелно е во тек постапка за затворање на уште пет или шест научни институти.
Според министерката, досега поради утврдени неправилности се затворени 18 научни институти и една приватна висока стручна школа.
Таа истакна дека првичните евалуации, кои се реализираат со странски експерти преку Агенцијата за квалитет во високото образование, покажале различна состојба кај високообразовните институции. Дел од нив работеле согласно пропишаните стандарди, додека кај други биле констатирани сериозни недостатоци.
Јаневска нагласи дека на институциите најпрво ќе им бидат оставени законски рокови за отстранување на неправилностите. Доколку тие не ги исполнат обврските, ќе следува одземање на акредитацијата и затворање на установите.
Министерката оцени дека состојбата во системот е променета, бидејќи Агенцијата за квалитет во високото образование сега активно спроведува евалуации, за разлика од претходниот период кога, според неа, акредитациите се доделувале без доволна контрола.
Јаневска не откри кои универзитети се предмет на мониторинг, ниту кои научни институти се опфатени со постапката за затворање.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












