Сонот на Англија за повторување на историскиот успех од 1966 година, кога единствен пат стана светски шампион, продолжува. Репрезентацијата на „Гордиот Албион“ обезбеди пласман во полуфиналето на Светското првенство, откако по голема борба ја совлада Норвешка со 2:1 по 120 минути игра.
Англичаните мораа да вложат максимални напори за да стигнат до завршницата меѓу четирите најдобри селекции, а селекторот Томас Тухел призна дека неговиот тим не го одиграл најдобриот натпревар и дека имал и доза среќа за пласманот во полуфиналето.
„Го направивме мечот многу потежок за себе. Резултатот е фантастичен, во полуфинале сме и тоа е неверојатен успех, но не сум задоволен од начинот на кој игравме“, изјави Тухел.
Германскиот стратег посочи дека неговите фудбалери не биле доволно дисциплинирани во исполнувањето на договорените задачи, направиле многу технички грешки и не биле доволно брзи во реакциите.
„Играчите се бореа, но сами си ја отежнавме работата. Бевме невнимателни, правевме грешки и не бевме доследни на планот што го имавме пред натпреварот. На овој меч имавме среќа“, додаде селекторот на Англија.
Тухел нагласи дека проблемот не е во менталитетот на тимот, туку во тоа што играчите не успеале целосно да го спроведат договореното на теренот.
И покрај критиките, германскиот тренер останува оптимист дека Англија може да стигне до големото финале.
„На следниот натпревар ќе бидеме подобри. Мораме да бидеме подобри. Сега е време малку да прославиме“, порача Тухел.
Во полуфиналето Англија ќе се соочи со актуелниот светски шампион Аргентина во дуел кој се очекува да биде еден од најголемите натпревари на турнирот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












