Судот на правдата на Европската Унија ја отфрли жалбата на Google и ја потврди казната од 4,1 милијарди евра, изречена поради злоупотреба на доминантната позиција на компанијата преку оперативниот систем Android.
Со оваа пресуда завршува долгогодишниот правен спор што започна во 2018 година, кога Европската комисија утврди дека Google ги принудувал производителите на паметни телефони однапред да ги инсталираат апликациите Google Search, Chrome и Google Play Store како услов за користење на Android. Според Комисијата, ваквата практика ја ограничувала конкуренцијата на пазарот за интернет-пребарување и мобилни апликации.
Првично, Европската комисија му изрече казна на Google во износ од 4,34 милијарди евра, која во 2022 година беше намалена на 4,1 милијарди евра. Со најновата одлука, Судот на правдата на ЕУ ја потврди конечната висина на санкцијата.
Од Google соопштија дека се разочарани од пресудата, оценувајќи дека судот не ги земал предвид нивните напори Android да остане отворен и бесплатен оперативен систем. Од компанијата додаваат дека нивните деловни практики се променети по одлуката на Европската комисија во 2018 година.
Пресудата претставува уште една значајна победа за европските регулатори во борбата против злоупотребата на доминантната пазарна позиција од страна на големите технолошки компании.
Во изминатата деценија Google се соочи со антимонополски казни во Европската Унија во вкупен износ од речиси 11 милијарди евра, а компанијата и натаму е предмет на повеќе регулаторни истраги во Европа.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












