Конфликтот меѓу САД и Иран доби нова опасна димензија, откако Иран ноќеска изврши ракетни и беспилотни напади врз американски воени цели во Бахреин, Кувајт и Јордан. Нападите следуваат по обновената американска поморска блокада на иранските пристаништа и серијата воздушни удари врз ирански воени позиции.
Иранските медиуми објавија дека противвоздушната одбрана во Техеран била активирана поради, како што наведуваат, „непријателски закани“, додека експлозии биле регистрирани во повеќе делови од земјата, вклучувајќи го и островот Кешм.
Според Централната команда на САД (CENTCOM), американските сили во два бранa нападнале крајбрежни утврдувања, складишта и лансирни рампи за крстосувачки ракети во близина на Ормуската Теснина, со цел да ја обезбедат слободната пловидба и да ги ослабат иранските воени капацитети.
Техеран возврати со порака дека безбедноста во Ормуската Теснина ќе се определува според иранските правила. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, изјави дека земјата води „решавачка, егзистенцијална војна“ против САД.
Иранската револуционерна гарда потврди дека нападнала американски воени цели во Бахреин, Кувајт и Јордан, најавувајќи дека следните операции ќе бидат насочени кон американската воена инфраструктура во регионот.
Кувајтските вооружени сили соопштија дека пресретнале четири ракети и 21 дрон, при што е причинета само материјална штета. Јорданската армија, пак, објави дека соборила осум ирански ракети без жртви и без поголеми последици.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран „многу брзо ќе биде поразен“ и оцени дека Техеран е подготвен да постигне договор.
„Ќе видиме дали ќе постигнеме договор или едноставно ќе завршиме со нив“, изјави Трамп на форум на американската одбранбена индустрија во Пенсилванија.
Во екот на кризата, Трамп соопшти и дека американско-иранската државјанка Дена Карари, која со месеци беше задржана во Иран под обвинение за шпионажа, добила дозвола да ја напушти земјата и веќе патува кон Соединетите Американски Држави.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












