Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на покана од американскиот државен секретар Марко Рубио, денеска и утре престојува во работна посета на Вашингтон, каде што ќе учествува на министерска конференција посветена на справувањето со заканите од политичкиот тероризам.
На конференцијата ќе присуствуваат високи претставници од повеќе од шеесет држави, кои ќе разговараат за зајакнување на меѓународната соработка, подобра институционална подготвеност и координиран одговор на современите форми на политички мотивирано насилство и тероризам.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија посочуваат дека настанот претставува значајна можност за продлабочување на партнерството со Соединетите Американски Држави и со останатите меѓународни сојузници, преку поефикасна размена на безбедносни информации и заеднички пристап кон новите безбедносни предизвици.
Во фокусот на дискусиите ќе бидат транснационалниот карактер на политичкиот тероризам, радикализацијата во дигиталната ера и потребата од посилна меѓународна координација во превенцијата и навременото препознавање на потенцијалните закани.
Муцунски ќе ги презентира и македонските активности за спречување на радикализацијата и насилниот екстремизам, како и мерките за понатамошно унапредување на законската и институционалната рамка во оваа област.
Во рамки на посетата, предвидена е и средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник државен секретар за Западна, Централна и Јужна Европа во Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт департментот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












