Контролите на Државниот пазарен инспекторат, спроведени кај повеќе од 700 производи, покажале значителни отстапувања во формирањето на цените во трговијата на мало. Според официјалните податоци за периодот од мај 2025 до мај 2026 година, просечниот раст на набавните цени на основните прехранбени производи и средствата за хигиена изнесувал 2,66 проценти, додека продажните цени во маркетите се зголемиле за 4,56 проценти.
Овие податоци ги презентираше министерот за економија и труд Бесар Дурмиши по седницата на Економско-социјалниот совет. Тој посочи дека дел од трговците ги зголемувале своите профитни маржи и не ги намалувале цените на производите, иако ги набавувале по пониски цени.
Според Дурмиши, токму ваквата практика придонела за дополнителен раст на цените што директно ги погодува граѓаните.
За надминување на состојбата, министерот најави итна средба на почетокот на следната недела со производителите и дистрибутерите, на која ќе се разговара за набавните и продажните цени, како и за можните мерки за стабилизирање на пазарот.
„Дел од растот на малопродажните цени е резултат на зголемените бруто-профитни маржи кај одредени трговци. Кога набавните цени се намалиле, тие не ги намалиле и продажните цени. Во понеделник ќе одржиме состанок со производителите и дистрибутерите за да разговараме за формирањето на цените и можните решенија“, изјави Дурмиши.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












