Томас Тухел ќе ја има поддршката од Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) и покрај елиминацијата во полуфиналето на Светското првенство.
Британските медиуми пренесуваат дека германскиот стратег останува на селекторската позиција и се очекува да ја предводи Англија и на Европското првенство во 2028 година, кое ќе се одржи на домашен терен.
Англија во полуфиналето загуби од Аргентина со 2:1, откако имаше водство од 1:0, а Тухел се најде под критики поради одлуките во завршницата на натпреварот и дефанзивниот пристап по постигнатиот погодок.
Сепак, селекторот порача дека тимот продолжува според договорот и дека главниот фокус ќе биде насочен кон следниот голем предизвик.
„Продолжуваме според договорот до Европското првенство кое ќе се одржи на домашен терен. Во моментов е тешко да се размислува толку далеку, бидејќи разочарувањето е големо. Но, многу големи репрезентации беа елиминирани пред полуфиналето, а и ова е успех. Секако, очекувавме повеќе и секогаш сакаме да одиме до крај“, изјави Тухел.
Германскиот тренер ја презеде англиската репрезентација во јануари 2025 година, а во февруари годинава потпиша нов двегодишен договор со ФА, со задача да се обиде да ја донесе светската титула во Англија.
Извршниот директор на ФА, Марк Булингам, даде целосна поддршка за селекторот и тимот.
„Многу боли кога сте толку блиску до финалето. Играчите, Томас и целиот стручен штаб дадоа сè од себе во текот на турнирот. Благодарност до сите, како и до нашите навивачи кои беа фантастични и во САД и дома“, изјави Булингам.
Англија сега ќе го одигра натпреварот за третото место против Франција. Во случај на победа, „Гордиот Албион“ би го освоил првиот бронзен медал во историјата на настапите на светските првенства.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












