Силното невреме проследено со обилни врнежи и силен ветер што во текот на ноќта ја зафати јужна Албанија однесе два човечки живота, а уште три лица се повредени, соопштија албанските власти.
Една од жртвите е Башким Бочи, вработен во државната електроенергетска компанија, кој загинал додека интервенирал на отстранување на дефект на далновод во областа Потами кај Химара. Според информациите, за време на работата му се скинал безбедносниот појас, по што паднал од електричен столб.
Втората жртва е рибарот Михал Зои од Ксамил, чиј чамец се превртел во разбрануваното море за време на невремето. Неговото тело било пронајдено утринава по потрагата што ја спровеле надлежните служби.
Во Саранда силниот ветер соборил десетици дрвја, при што биле оштетени повеќе возила. Три лица побарале лекарска помош откако биле повредени од скршени стакла и паднати гранки.
Последици од невремето се регистрирани и во Либражд, каде што дел од населението останало без електрична енергија. Прекинот во снабдувањето со струја предизвикал проблеми и со водоснабдувањето, особено во Патос.
Надлежните служби продолжуваат со расчистување на теренот и санирање на штетите предизвикани од невремето.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












