Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека од денеска американските царини за српските производи се намалени на нула проценти, откако претходно изнесуваа 35 проценти.
Во гостување на РТС, Вучиќ оцени дека станува збор за голема можност за српската економија и најави дека во иднина царините би можеле да бидат меѓу 10 и 12 проценти, но дека во моментов, додека траат разговорите со американската администрација, ќе останат на нула.
„Ова е огромна шанса за Србија. Дури и кога царините ќе бидат 10 или 12 проценти, тоа ќе биде прифатливо“, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека високите американски царини досега претставувале сериозна пречка за многу компании кои извезуваат на американскиот пазар, особено за производители од Јапонија, Кореја и Србија. Според него, намалувањето на царините ќе отвори простор за стотици милиони долари нови инвестиции и ќе испрати позитивен сигнал до странските инвеститори.
Вучиќ објасни дека претходните дополнителни царини биле воведени поради американската проценка дека Србија има трговски суфицит со САД, иако, според него, дел од извозот бил евидентиран преку посреднички компании од Холандија.
Тој истакна дека Србија успешно поминала неколку американски проверки поврзани со трговските практики, дигиталните даноци и други економски прашања, што придонело за укинување на дополнителните царини.
Според српскиот претседател, ова ќе придонесе за подобрување на инвестицискиот и кредитниот рејтинг на земјата, како и за зголемен интерес од американски и други странски компании за вложување во Србија.
Вучиќ се осврна и на разговорите околу компанијата НИС, оценувајќи дека за првпат гледа реална можност за позитивен исход.
„Оптимист сум дека сме блиску до конечно решение во разговорите меѓу Русија, Унгарија и Србија околу НИС. Верувам дека тоа ќе биде добро и за економската стабилност на Србија“, изјави Вучиќ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












