Бура проследена со силен ветер, пороен дожд и грмежи погоди повеќе делови од Грција, вклучувајќи ја и Атина, предизвикувајќи проблеми во сообраќајот и материјална штета, јавуваат грчките медиуми.
Според податоците на Националната опсерваторија во Атина, најобилни врнежи биле регистрирани во централните и северните делови на земјата, додека во текот на невремето биле евидентирани десетици илјади удари од гром.
Во Пиреја, силниот ветер урнал скелиња од станбени згради врз надземните далноводи, а жителите на Лариса, Фтиотида, како и на островите Евија и Скирос добиле предупредувања од надлежните служби за опасност од невреме.
Најголеми количества дожд наврнале во Тесалија, централна Грција, односно во Атика и Евија, како и во делови од Пелопонез, Епир и грчка Македонија, особено на Халкидики.
Според грчката јавна телевизија ЕРТ, во Илион, во областа Атика, брзината на ветерот надминала 50 километри на час. На планината Олимп, пак, невремето било проследено со интензивен град.
Лошото време предизвикало дополнителни проблеми во Фтиотида, каде што во Макракоми бил откорнат покрив, а на повеќе локации силниот ветер соборил дрвја.
Во еден од инцидентите, покрив паднал врз влезот на продавница и оштетил неколку паркирани возила. Според грчките медиуми, во овие настани нема повредени лица.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












