Сообраќајот на граничните премини меѓу Македонија и Грција повторно се одвива нормално откако утринава заврши четиричасовниот предупредувачки штрајк на грчките царински службеници.
Од Граничниот премин „Дојран“ информираат дека по завршувањето на протестот има кратки задржувања, односно околу 15 минути чекање од македонска страна и околу 30 минути од грчка страна.
Надлежните велат дека штрајкот не предизвикал поголеми проблеми, бидејќи граѓаните биле навремено информирани и дел од патниците го приспособиле времето на патување.
„Немавме зголемена фреквенција во периодот од 5 до 9 часот. Очигледно граѓаните беа информирани, па почнаа да доаѓаат по девет часот. Во тој период возилата периодично се пропуштаа од грчка страна“, информираат од ГП „Дојран“.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во периодот од вчера до денеска напладне, преку граничниот премин „Дојран“ во Македонија влегле 1.523 македонски државјани, додека земјата ја напуштиле 210 македонски државјани.
Во истиот период, преку овој премин влегле 1.386 странски државјани, а излегле 1.824 лица.
На најфреквентниот граничен премин „Богородица“, во земјава влегле 4.511 македонски државјани, а излегле 3.953. Во однос на странските државјани, регистрирани се 7.462 влегувања и 8.154 излегувања.
Штрајкот на грчките цариници ги опфати сите три гранични премини со Македонија – „Евзони“ („Богородица“), „Ники“ („Меџитлија“) и „Дојрани“ („Дојран“). Во периодот од 5 до 9 часот по македонско време, патничките возила се пропуштаа во интервали од десет минути, додека товарниот сообраќај беше целосно запрен.
По завршувањето на протестот, граничните премини продолжија со редовна работа, а надлежните очекуваат постепено расчистување на евентуалните колони.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












