Македонскиот фудбалски шампион Вардар го заврши настапот во европските купови откако беше елиминиран од летонскиот првак Рига во второто квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.
„Црвено-црните“ одиграа храбар натпревар на гостувањето во Летонија и во регуларниот дел славеа со 1-2, резултат кој поради поразот од 2-3 во првиот меч во Скопје значеше продолженија. Сепак, во екстра-времето домаќинот ја искористи бројчаната предност и со конечни 5-2 обезбеди пласман во следната рунда.
Вардар имаше одличен старт и поведе преку Давид Бабунски по одлична акција во 16. минута. Но, само неколку минути подоцна ситуацијата се искомплицира за македонскиот тим, откако Филип Најдовски доби директен црвен картон и Вардар остана со играч помалку.
И покрај тоа, избраниците на Кристијан Фабијани покажаа карактер и во второто полувреме успеаја повторно да ја затресат мрежата на Рига. По одбранетиот удар на Герсон Родригеш, Азер Омерагиќ беше најснаодлив и зголеми на 0-2.
Рига, со играч повеќе, продолжи со силен притисок и успеа да намали во 87. минута преку Таиво. Вардар до крајот се бранеше и беше на чекор од голема сензација, но домаќинот обезбеди продолженија.
Во дополнителните 30 минути, летонскиот шампион целосно го презеде натпреварот. Раки Ауани израмни на 2-2, а потоа Јаго Сикера направи целосен пресврт. Дополнителен проблем за Вардар беше и исклучувањето на тренерот Кристијан Фабијани, кој доби црвен картон по една жестока реакција покрај теренот.
Во самиот финиш Рига постигна уште два гола, преку Фереира во 117. минута и за конечни 5-2, со што ги прекина европските амбиции на македонскиот првак.
Иако не успеа да продолжи понатаму, Вардар остави позитивен впечаток со борбеноста и карактерот, особено имајќи предвид дека поголем дел од мечот го одигра со десет фудбалери.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












