Најмалку 50 лица се повредени, а десетици се водат како исчезнати по силниот земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што денеска ја погоди Јапонија. Потресот ја погоди префектурата Кумамото на јужниот остров Кјушу, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија, оштетувања на патишта, мостови и бројни објекти.
Најдраматична е состојбата во трговскиот центар „Еон“, каде кратко по земјотресот дошло до силна експлозија. Според противпожарните служби, повеќе лица останале заробени под урнатините, а локалните медиуми јавуваат дека меѓу 20 и 30 работници се водат како исчезнати. Причината за експлозијата засега не е позната.
Исчезнати лица се пријавени и во фабрика за хартија во истиот регион, каде спасувачките екипи продолжуваат со пребарување.
Поради последиците од земјотресот, властите затворија повеќе од 150 јавни објекти во Кумамото, меѓу кои училишта, библиотеки, спортски сали и општински центри. Привремено се затворени и туристички атракции, вклучувајќи го Музејот на современа уметност и спортскиот стадион со капацитет од 15.000 гледачи.
Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека институциите сè уште ја проценуваат штетата и ги повика граѓаните да останат внимателни и да ги следат упатствата на надлежните служби.
„Веќе сме информирани дека има повредени луѓе. Во некои области има прекини на електричната енергија и пожари, оштетувања на патишта и мостови, како и урнати згради. Ги повикувам сите да преземат мерки за сопствена заштита и доколку е потребно да се евакуираат на безбедни локации“, изјави Такаичи.
Земјотресот првично беше проценет на 7,1 степен според Рихтеровата скала, но јапонските сеизмолошки служби подоцна ја ревидираа магнитудата на 6,8 степени. Кумамото и претходно беше погоден од разорен земјотрес во 2016 година, кога загинаа десетици луѓе, а беа предизвикани огромни материјални штети.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












